Трчачка мотивација

Можеби поради следење трендови, поради слабеење, поради здрав живот или едноставно желба за повеќе активност, последниве неколку години сè популарни стануваат трчањето и возењето велосипед. А ние сакаме кога во мода се убави работи ;)

Може слободно да им се заблагодариме на НаТочак и Трчаме Заедно (за девојки) и сега поактивното Скопско Ноќно Трчање што јавно проповедаат за овие активности и имаат мотивирано огромен број на луѓе да станат од кауч последниве неколку години.

Сега веќе немате време да почнете да тренирате за 21км, но верувајте дека имате време да се подготвите за трката на 5км! Можеби знаете, можеби и не, Сандра и Калина се (просечни) трчачки во последниве 4-5 години и во очи на Wizzair Скопски Маратон кој ќе се одржи на 10-ти Мај, сакаме да споделиме неколку мотивациски мисли со вас :)

image
Фото: Скопско Ноќно Трчање

Почни!

Тешко е убедувањето да се почне со нешто за кое треба да се изморите, па после сè да ве боли, па стапалата ви се разраниле, па ве искасале комарци или сте голтнале мушичка, па следат демотивациски мисли во стилот „што ми требаше ова“. Важно е да излезете и да почнете со трчање. Не е битно со кое темпо, не е битно колку километри, додека можете – истрчајте. Па одете ако ви е тешко, па пак трчајте, само не застанувајте зашто тогаш е потешко да се продолжи.

Добрата страна е што не мора да организирате екипа, може да трчате и сами. Ако си најдете друштво е уште подобро, да се мотивирате и бодрите меѓу себе! Ако сте уморни од факултет или работа, уште повеќе треба да излезете да трчате, ќе ви се врати свежината и енергијата на место. И секогаш имајте на ум дека „и еден истрчан километар е цел километар повеќе од лежење на кауч“.

image
Фото: Роберт Атанасовски

Опрема

За трчање ви се потребни добри патики кои за разумни цени може да ги најдете и по спортските продавници и во некои од аутлет продавниците во салата Борис Трајковски. Патиките треба да ви се еден до два броја поголеми бидејќи стапалата малку отекуваат при трчањето. Ако сте почетници, од алишта ќе ви завршат работа и памучни хеланки, шорцеви, маички, за девојките задолжително спортски градник… додека не се заразите и сфатите дека ви требаат алишта од полиестер кои не ја задржуваат потта ;)

После неколку години трчање со најобични трчачки патики, оваа година и двете се подновивме со нови патики за нови предизвици за на Скопски Маратон – 10км штафета и полумаратон! Мал мотивациски трик е да си купувате по нешто ново секоја година – ќе имате повеќе желба да го прошетате (истрчате) на кеј :)

image

Апликација

Трчањето не е натпревар со другите, туку натпревар со себе. Инсталирајте си некоја од апликациите за трчање – Nike+, RunKeeper (повеќе инфо: https://www.thebabbleout.com/running/5-absolute-best-running-apps/ ), Endomondo, Sports Tracker, miCoach или македонската SportyPal. Која и да ја одберете, целта е да си водите евиденција за сопствениот напредок. Неверојатно добра мотивација е да видите како од недела во недела ви се подобрува времето по километар без да сте свесни!

Други совети

Ако ви се прават плускавци – лабаво врзете ги патиките, купете си спортски чорапи за трчање и/или пред трчање мачкајте ги стапалата со некоја мрсна крема.

За сите со долги коси – за да не ви се одврзува косата при трчањето, фатете ја во опавче и потоа сплетете го.

Носете тенка марама околу врат, може да ви се најде за да ја заштите устата од прашина, или на глава за заштита на ушите од ветер, или на рака за бришење пот.

Некогаш е тешко да фаќате различен ритам со различна музика, ако ви е тешко да го одржувате темпото, трчајте без музика.

Не јадете 2 до 4 саати пред трчањето во зависност од тежината на храната, верувајте ќе ви биде многу полесно да трчате малку гладни отколку прејадени. И секако пред трчање или вечерта пред трка, најдобро е да се јадат јаглехидрати (паста, ммм…!)

Пријави се на трка!

Последниве неколку години покрај Скопски Маратон на неколку недели има и други трки на кои може да се пријавите. Секако најинтересен е СКМ, самото пријавување ќе ве мотивира дека мора да излезете и да тренирате редовно за да успеете да истрчате. Трк на овој линк и ако не сте се регистрирале, направете го тоа!

Ограничувањето за 5км е 1час, што значи дека во најлош случај ќе можете да ги испешачите :) По трчањето на 5км, останете (заедно со Ива :Р) да ги бодрите маратонците, поддршката многу значи за успешно истрчана патека!

За сите што одат на полумаратон и маратон – секоја чест! Се гледаме на целта ;)

image
Фото: Александар Ивановски

Facebook Comment



You may also like