Задругарска органска кошничка | CSA

Бидејќи модата веќе не ни е баш во прв план, си оставивме простор и време да пишуваме за други (локални) теми особено поврзани со начинот на живот, а сега бев инспирирана од еден од блоговите кои си ги следам одамна на тема CSA (Community Sustained Agriculture), па одлучив да напишам една локална верзија на текстот (НЕспонзориран) :)

Минатата година кога (кхм) бебето требаше да почне да јаде цврста храна, почнав да истражувам за исхрана, што е добро што не е, но и придобивките од јадење локална, сезонска, свежа и органска храна. Во меѓувреме ја открив Наша Добра Земја – (официјално насловена како задруга на потрошувачи) која се залага за “еколошки и општествено одржливи системи за локален суверенитет во исхраната”. Ако го прочитате претходно линканиот пост со примери од Америка, како и веб сајтот на задругата, ќе ви стане јасно колку е важно да се поддржи локалното производство: од нутритивниот квалитет на храната до поддршката на локалното земјоделство и подобрување на околината со органското производство.

Задругата има и продавница во која можете слободно да си влезете и испазарите органска храна (избегнувајте ги четвртоците), но се стремат кон здобивање на членство, односно да се претплатат членови кон гарантирана една кошничка (гајба) неделно. Што значи тоа? Со плаќање на годишна членарина и месечно одредена сума, станувате член на задругата и секој четврток добивате готова кошничка со најсвежи и сезонски зеленчуци и овошја со 10%-30% поевтина цена од продавницата (ако е слаба неделата со производство, добивате готови производи од органски производители како хумус, доматен сос, итн, или пак замрзнати, малини, на пример). Целта е земјоделците да произведат онолку колку што ќе се продаде, со цел да не се фрла храна беспотребно.

Звучи супер, иако не ми се веруваше дека кај нас ваков систем функционира, но сепак одлучив да се обидам и по скоро една година, со неколку научени лекции, одлучив и јавно да ги пофалам :)

Моите прашања што ме мачеа и одговорите што ги научив:

Дали ќе успеам да ја потрошам цела кошничка? 

Нашето мало домаќинство е од 2,25 луѓе, па не ми се веруваше дека ќе успееме сѐ да потрошиме во една недела.. и вистина е дека ретко кога успеваме да потрошиме сѐ баш таа недела. За среќа многу од зеленчуците и овошјата траат подолго и не мора баш во една недела да се потрошат, а она што ќе остане, секогаш може да се даде по други членови од блиското семејство :)

Како да се зачуваат/одржат свежи?

Она што многу доцна го сфатив е дека скоро сѐ за да остане свежо (дури 2-3 недели), треба да се измијат и да се приберат водени (пример во реупотребени пластични кутии)  – тоа доцна го сфатив откако марулите, спанаќот и морковите ми овенуваа за 3 дена и во фрижидер (наспроти купените од маркети, на пример, моркови кои траат 3 месеци без воопшто да се сменат). Неодамна ги открив овие торбички за истата намена кои овозможуваат простор за испуштање на етиленот, па се надевам дека и тие убаво ќе се покажат во пракса :) И не ги чувајте зеленчуците и овошјата на исто место/фиока!

Оние зеленчуци кои траат подолго, ги оставав да се насоберат па правев нешто наеднаш – од цвекло направив кисело цвекло за зимница, кога се насобраа пиперки – дел направив огромна тепсија полнети пиперки прв пат во животот! За бебето многу често подготвував кашички (морков, брокула, спанаќ, што и да е..) кои потоа ги замрзнував, или замрзнував цели исчистени овошја (сливи, јаболка, кајсии…) кои одат супер и за смути и за врз палачинки, и можам да кажам дека после цела зима конечно (скоро) цел замрзнувач е испразнет :)

Како да знам како се подготвуваат некои непознати зеленчуци?

Морам да признаам дека неколку пати и се случи да не знам што е нештото во кошничката – прв пат во животот видов колраби и појма немав како се јаде – рендано како салата – тогаш или гуглав или ако стварно не знам што е, или прашував по луѓе или ако јас ја подигнував кошничката (што е реткост) ќе си ги прашав фините луѓе во Добра Земја. Исто така целер во слична форма никогаш не сум користела во готвење, ама го исецкав и замрзнав за да се најде за во супи и манџи :) На крајот на краиштата, дозволено е да се смени еден тип на производ со друг, доколку стварно не го сакате (како кога ни се натрупа грозје, а не правиме вино :Р). Признавам дека и доста работи имам фрлено, особено на почетокот, но скоро по цела година, многу научив од сопствените грешки!

Што ако не знам да зготвам нешто?

Она што ми овозможи кошничката е што секоја недела имам свежи намирници пред викендот и според нив размислувам што да готвам, да се обидам да зготвам работи што никогаш не сум ги готвела претходно, како пиперките спомнати погоре, или прв пат да сварам грав иако сум го јадела секој петок скоро цел живот… најмногу ме поттикна да се навратам кон работите што биле локални и сум ги јадела во детството и што баба ми сигурно ми ги готвела, а сега немаме време да ги готвиме. Да, авокадо тост е супер, ама полнети пиперки и гравче сепак ни се во корењата :)

Што ако нема нешто што сакам / ми треба?

Некои работи се достапни и по нарачка, кои не следуваат со кошничката – јајца, сирење, бадеми, семиња, итн… А секогаш постои и најблискиот пазар! Океј, и супер-маркетите… признавам дека не ги избегнуваме супер-маркетите, но најчесто е тоа кога не сме тука за викенд или не можеме да стигнеме по работа за на пазар. Кога имаме време, најчесто за викенди, допазаруваме од пазар, па некогаш купуваме и директно од самите луѓе кои ги произведуваат зеленчуците (како овој аспарагус купен од жена која го одгледува сама), но за тоа треба да разговарате со луѓето зашто има многу пазарџии кои продаваат увезени производи, особено овошја (океј, за банани знаеме дека немаме алтернатива, but you get the point :)).

Како ќе ја подигнам кога немам кола?

Иако најчесто ја подигнуваме кошничката со кола, јас лично преферирам одење на работа наТочак и мислев дека нема да ми ги собере работите во кошничката, но не е така :) Со добра корпа напред на точакот, платнена торба (зашто не може да се смести гајбата) и ташна за преку рамо, сѐ е можно, па дури и носење на сите работи заедно со лаптоп :) Ако ептен не можете да отидете (од 12 до 20ч дента или следниот ден), со мала доплата може да ви ја испорачаат кошничката до дома.

 

 

Колку повеќе читам за земјата и околината, толку повеќе имам грижа на совест за сѐ што правиме што ѝ штети, а не сме ни свесни… од употреба на пластика, до купување работи кои треба да се испорачаат преку цел свет (carbon footprint), до начинот на исхрана и нездраво производство на храна, најчесто со пестициди, и како тоа општо ѝ штети на земјата (и – како почва, и – како планета). Нормално дека не можам целосно да се изолирам и наеднаш да го сменам цел начин на живот, нормално дека и директно и индиректно придонесувам во штетата, но менувајќи дел по дел, како на пример станување дел од ваква задруга (CSA – актуелно и на светско ниво) или барем намалување на конзумацијата на месо, правејќи нешто свесно подобро за нашето здравје, може да правиме и добро за земјата, зашто од неа живееме и треба да ја оставиме употреблива и за нашите деца…

Sandra

Facebook Comment



You may also like