На Film Boutique се дружевме со дизајнерката Ирина Тошева, па ја искористивме можноста да го направиме првото ever интервју за Skopje Casual :) Еве за што си помуабетивме со Ирина.
SC. Кога и како знаеше дека ќе станеш моден дизајнер?
И. Пресуден беше моментот кога ги исеков фармерките на татко ми за да направам ташнички за мене и другарка ми. Кога стигнав во Италија за да продолжам со постдипломските студии сфатив дека сонот станува опиплив и реален.
SC. Дали Скопје е инспирација?
И. Скопје никогаш не ме остава рамнодушна. Го сакам и мразам. Тука се случува мојот живот, моето секојдневие и секако дека многу црпам од него.
SC. Спомна дека самата ги шиеш твоите креации. Дали мислиш дека занаетите во cкопската чаршија и градот ќе опстанат и ќе се вратиме на рачна изработка?
И. Голем дел од моите креации ги изработувам сама. Еснафот има посебен код и комуникација што јас ги учам и почитувам и кои мора да се зачуваат. Но, најпрвин потребно е обичниот граѓанин да го види неговото вистинско значење, повеќе да го цени тој труд и разликува од кинеската евтина роба.
SC. Што забележуваш во стилот на Скопјани?
И. Забележувам потреба за себепризнавање. Го забележувам скопското “да се види и да се биде виден” и забележувам многу повеќе комбинирање и концептуално разбирање. Тоа ме радува.
SC. Омилен ритуал и омилено место во градот?
И. Моето ателје, мојот простор каде творам и работам. Немам посебни ритуали, моите мисли се доволни. Случувањата кои имаат особено значење прават местото во кое што се случиле да биде посебно врежано во нашата меморија :)
Одличните креации на Ирина можете да ги погледнете на нејзиниот Behance профил и нејзината официјална Фејсбук страница :)