Многу си ги сакаме оние луѓе кои ја делат љубовта за Скопје со нас :) Со Ерина се запознавме мнооогу одамна кога учествуваше во нашите повици за фотоки од читатели, си славевме родендени заедно, од време на време нè тераше да се сликаме (и е одговорна за 90% од сликите од нас три заедно кои одат во јавност :))
Епа таа наша Ерина, по втор пат организираше самостојна изложба на фотографии. Темата, уште еден од нашите омилени скопски моменти, небото над градот :) Сосема лежерно, зборнавме малку за изложбата, за инспирацијата, за Скопје…
Фотките во постот се дело на Јане Наумоски (Фалааа Јанееее, you’re as cool as Deadpool! :D <3)
Знаеме дека Скопје е непресушна инспирација, но има ли некое место што посебно те повикува да фоткаш?
Мислам дека со саати би можела да зборувам за визуелното Скопје, за неговите добри и лоши аспекти. Ама нема да одолговлекувам толку во случајов. :) Брутализамот во Скопје го евидентирам со години веќе и сметам дека уште не сум ја завршила таа задача соодветно. Така што таа архитектура во Скопје ми е нешто на што се навраќам доста често, дури по неколку пати во едно годишно време. Може еден ден ќе организирам бруталистичка фото тура низ Скопје. :)
Кои се најголемите предизивици со кои се соочи при организацијата на изложбата? (изборот помеѓу супер фотките не го земаме во предвид ;))
Да се работи во сферата на културата кај нас во ова време е предизвик во целост. За среќа имаше луѓе во организацијата на МКЦ како и во Домот на културата „Кочо Рацин“ кои беа тука да помогнат.
„Небото над Скопје“ е твојата втора самостојна изложба, ја имаш ли веќе замислата за треатата? :)
Колку нескромно би било ако кажам да? И тоа не само за третата, туку и за четвртата? Само што тие се уште во процес, така што ќе има време додека да бидат претставени во јавност.
Кога небото над Скопје е најлежерно? :)
Во петок попладне мислам. Особено летно време- ти си пиеш пивце, а тоа низ менување бои ти раскажува каков му бил денот. :)