Рековме дека годинава одиме по поинаков редослед па затоа и во подготовките за деветтиот роденден на Skopje Casual наместо со гардероба, започнуваме со накитот :)
Без разлика дали ќе одлучите вистински да се дотерате од глава до петици или само ќе ги облечете „свечените“ пижами, сигурни сме дека внимателно одбраниот накит ќе направи да се чувствувате барем малку подотерани :) Oдиме со ред…
- Обетки
Интересен пар обетки може да ја промени цела комбинација – од лежерна „си седам по дома“ до „се дотерав, ама сакам да ми е удобно“ комбинација. Затоа, наша прва препорака за деветтиот роденден е да си ги најдете омилените обетки, да ги извадите од кутијата од која веројатно не „прошетале“ со месеци и да одберете со што најдобро ќе се вклопат. Наша претпоставка е дека ќе одат супер со што и да носите, па макар и тоа биле омилените стари тренерки. :)
2. Ланчиња
Уште една опција за инстант дотеруванка :) Можеби нема најдобро да се гледа со омилените пижами или блузон, ама редно е после толку време да си дозволиме разголен врат и неколку тенки ланчиња споени во супер комбинација. Играјте си со материјали, должини, бои, да го искористиме времето дома за експерименти, можеби ќе излезе нешто ново и убаво. :)
3. Прстени
Правиме мала пауза од сите пандемиски готвачки експерименти и ги враќаме омилените прстени на рака :) Во последно време правењето на различни комбинации со прстените ни е хит, но оставаме на вас да решите кои и колку и какви прстени ќе ја направат вашата комбинација.
И тоа е тоа :) Првиот чекор е готов. Во следните постови ќе зборуваме што да носиме, но дури и да се одлучите да ни пратите фотки само со вашите омилена парчиња накит, ќе се чувствуваме како да сте дошле на роденден и сме се изнамуабетиле баш убаво :)