Благодарение на иницијативата на @i999y и @ginalynx, минатата недела имавме прилика да се запознаеме со Ненад Секирарски. Огромно задоволство ни беше да го посетиме неговото атеље и да поразговараме за лежерна мода, за инспирацијата во Скопје и неговите идни планови.
SC: Што би пофалил кај модата на нашите улици?
Секирарски: Доколку го споредиме Скопје пред 7-8 години и Скопје денес, мислам дека младите генерации стануваат многу поинтернационални, од многу причини. Прво што живеат на интернет, друго што се малку повеќе прошетани од претходните генерации и некако облекувањето не може толку да се дистанцира од тоа што се гледа надвор. Како стил на облекување сме блиску до светските трендови и за разлика од порано промените влијаат многу побргу денес. Мислам дека се помалку гледам реплики на српските турбо фолк ѕвезди и тоа ми е супер. Работам со матурантки, низ генерациите ја забележав разликата, веќе таа естрада не влијае во голема мера и тоа ме прави многу среќен.
SC: Што недостасува во модата на скопските улици?
Секирарски: Најмногу самодоверба, слобода да се експериментира. Модата во светски рамки е во голема креативна криза, затоа мислам дека младата чиста енергија на дизајнери се оние кои ќе ги носат новите бранови во модата. Модата треба да стане игра на сите нас, треба да експериментираме, да си играме, некогаш ќе успееме, некогаш ќе промашиме, тоа што ќе успееме ќе го повториме неколку пати и сето тоа како целина супер ќе функционира. Треба што повеќе да се купуваат различни работи, да се комбинира евтино со поскапо, да се користат детали, експериментирањето води до креирање на ново.
SC: Колку може да си дозволат луѓето кај нас секојдневна дизајнерска гардероба?
Секирарски: Годинава славам дваесет години работење, што е доволен доказ дека со мода кај нас сепак можат да се платат сметките. Факт е дека во моментов е криза и оние кои имаат пари гледаат порационално да ги трошат, меѓутоа се уште има интерес. Кај мене доаѓаат со едно парче гардероба барајќи да се направи друго кое ќе одговара со него, што значи дека не се неопходни многу финансии. За да се направи нешто убаво тоа не мора да биде скапо, особено важно ми е клиентот да дојде повеќе пати во годината и да сошиеме нешто, отколку да дојде еднаш и да не се појави повеќе бидејќи не може да си дозволи.
SC: Дали има некое парче гардероба кое Македонките најчесто го бараат од тебе?
Секирарски: Кај мене најчесто бараат сакоа, класични но малку понеобични, со рачна доработка, со нешто што ќе ги направи уникатни. Парчиња гардероба кои се елегантни, но можат да се носат и преку ден, да функционираат сосема добро и за деловни состаноци.
СК: Што те инспирира во Скопје?
Секирарски: Многу ја сакам Чаршијата. Пораснав таму, живеам во Гази Баба, на работа доаѓам пешки и ми е многу убав тој дел од градот особено наутро кога се е раздвижено, женскиот пазар ми е уживанција, колеги од странство сум носел таму и не можат да разберат дека такво нешто може да постои, фантастично нешто. Многу ми е убава таа енергија, тој еснафски начин на работење, ме исполнува со енергија има некој свој дух, со векови таложена историја која сите ги освојува.
SC: Што можеме да очекуваме во иднина од Секирарски?
Секирарски: Новата колекција ќе биде многу интересна барем за мене како искуство бидејќи сакам да стартувам линија која е за реални жени, жени со облини, со нормални градби на тело. Тоа што го гледаме по билбордите не е реално во ниедна земја и за среќа веќе постои критична маса на клиенти кои го разбираат тоа. Жени кои се покрупни, се чувствуваат убаво, телото им е здраво, имаат одлична крвна слика, имаат 20 години и не сакаат да изгледаат како да имаат 60. Новата линија ќе биде посветена токму на нив.