Македонски модни блогови (3) | Macedonian style blogs (3)

По првиот пост во кој ви споделивме дел од македонските модни блогови и по првата модно-блогерска средба каде претставивме уште неколку, откривме уште многу блогови преку Блогираме и добивме многу пораки од вас за многу други девојки и дечки кои се осмелија да отворат свој онлајн моден дневник со сопствена содржина.

Секој со посебен стил, оставаме на вас да си одберете кои од блоговите ќе ги следите понатаму, а ние се надеваме дека наскоро повторно ќе имаме можност да ги запознаеме :)

По редослед на откривање:

1) Go with the flow – Блогов е првиот кој го добивме како предлог веднаш после нашиот прв пост кој не го знаевме иако постои од 2008-ма година. За жал не го знаеме името на авторката, но нејзиниот боемски стил нѐ плени! Објавува инспирации, желби за уникатни парчиња како и нејзини фотографии и колажи.

Дополнување: Благодарение на вашите споделувања откривме дека блогот е на Мартина (фб, твитер), ви благодариме :)

image

2) Fashion Filter – Уште еден блог на модна дизајнерка, овој пат на Ема од модната куќа Дума. Одлични критички текстови во новинарски стил за новите модни трендови и колекции од модните писти.

Фотографија: Ани и Дими

image

3) The Black Cape – Иако можеби целосно не се вклопува во шаблонот за македонски моден блог, 22-годишната Марија Филипова е дизајнерка и стилистка со македонско потекло, родена во Шведска, но живее во Лондон. Нејзините фотографии зрачат со шмек како од светски модни списанија, а стилот ѝ е авангардно-фантастичен!

image

4) Inside The B World – иако носиме „Скопје“ во насловот, не значи дека ќе ги изоставиме и другите градови! Двете сестри Марија и Мартина од Битола од 2011-та ги презентираат нивните комбинации во елегантно-лежерен стил, својствено за чекорење по Широк Сокак ;)

image

5) The dream of style – Блогот на Марија е еден од почнатите есента 2012-та, но прилично е активна и има креирано многу постови со нејзините модни комбинации, инспирации и идеи за рачна изработка.

image

6) L’extravagance – 24-годишната Симона пишува за нејзините омилени трендови, презентира добри улови од шопинг денови, креира интересни колажи со инспирации, а се наоѓаат и неколку лични постови.

image

7) Amo Lusso – е блог на Лили Митровић, Македонка која живее во Белград и мајка на едно слатко бебе кое често може да го видите на блогот :) Покрај завршениот економскиот факултет веќе завршува студии и по моден дизајн, а веќе има и мала колекција на модни додатоци (фејсбук страна). Најмногу се пронаоѓа во женствената, елегантна и префинета облека, со мал призвук на лежерен стил.

image

8) The Chronicles of Vivian Darkbloom – Илина е блогерка од Струга која се обидува да ја прикаже својата креативна страна и љубовта кон модата. Студент по Мултимедија и Дизајн, креативна душа и љубител на модата. Кај неа може да видите дневни комбинации, идеи за рачна изработка, како и совети за здрав живот.

image

9) Македонски моден блог – Мери Поповска е блогерка од Скопје, студент по Економија, амбициозен make-up артист и љубител на модата. На нејзиниот блог ќе видите нејзини одлични модни комбинации, а од време на време по некој DIY Проект.

image

*) Лили, Илина и Мери се здружени заедно при промоција на македонските модни блогови на фејбук пејџот Macedonian Fashion Bloggers.

10) Mario’s designs – е блог на младиот дизајнер Марио Додовски од Битола и прво момче што го откривме… ама имаше што да откриеме! Иако студира новинарство и односи со јавност, на блогот ќе откриете одлични илустрации на сопствени колекции, критики на колекциите на светските брендови и негови инспирации од високата мода.

image

11) Life Lover N – Блогот на Наташа бил поактивен во 2011-та, но иако ретки има постови од неодамна, така што сметаме дека се уште е активна :) Може да видите нејзин избор од продавниците, идеи за рачна изработка и мислења во врска со најновите трендови.

image

12) Ladies on the street – ганц нов блог со само еден пост од „две другарки кои сакаат да се сликаат“, не бевме сигурни дали да ги ставиме во списокот, но да се надеваме дека нема да се откажат само што почнале :)

image

13) October graves – Постои од 2011-та, но нема многу постови… иако насловот на блогот звучи страшно поради љубовта кон хорор филмовите, на него може да се најдат доста нежни инспиративни колажи како и личниот избор при шопинг :)

image

14) Sunshine Sparkle – е блог на 20-годишната Виолета каде од минатата година објавува идеи, инспирации, маникир и шминка, а во последно време и нејзини комбинации.

image

15) My world – Мојот свет – Анита е 34-годишна жена која се грижи за себе и изгледа одлично, а на блогот го претставува нејзиниот стил од лежерни до екстра-елегантни комбинации.

image

16) L Cashmere – уште еден ганц нов блог на Лепа од оваа година, може да ѕирнете што посакува во нејзиниот плакар како и неколку нејзини комбинации.

image

 

Покрај наведените постари и понови блогови, трендот на водење на моден блог владее и помеѓу најмладите. Имавме огромна дилема дали да ги вклучиме блоговите чии автори се малолетни и дали воопшто да ставиме нивни фотографии, но одлучивме да ги третираме рамноправно и дека се свесни дека нивните фотографии завршуваат на интернет и се јавно достапни. Сигурни сме дека ќе бидат интересни за помладата публика :)

17) Shy but secretly fabulous – Елена има 15 години и супер-сладок тинејџерски лежерен стил и одлично склопува комбинации, а експериментира и со нејзините фотографии. Иако блогот постои само 2 месеца, ептен е активна со нови постови :)

image

18) JZJ – Златко има 17 години и очигледно сон да биде голем моден креатор! Највпечатлив е со неговите екстравагантни комбинации на скопската модната недела и без разлика дали ќе ви се допадне неговиот стил или не, дефинитивно не остава никого рамнодушен! Очекуваме многу да се подобри во следните 10 години :)

image

19) Fashion care of a womanЦаци е 17 годишна девојка која постира сопствени комбинации, инспирации од модните писти, како и совети за грижа за сопствената убавина.

image

20) Style sessions – блогот е исто така тазе од годинава. Марија на почетокот на нејзините тинејџерски години, а и постовите претежно и се комбинации за на школо, иако има и совети како да ги нашарате вашите нокти :)

image
21) Rose – е блогот на 17 годишната Азизе од Струга, почнат есента минатата година. Доминираат нејзините фотографии од комбинации со рокерски шмек, но може да најдете идеи за рачна изработка и убави фотографии од „Струшкото Езеро“ ;)

image

22) More than a fashion – е блог на 17-годишната Сара од Струга каде ги објавува нејзините дневни комбинации и е промотор на гумените чизми :)

image

Бидејќи ние три немаме премногу време да ја сурфаме блогосферата, ви благодариме на сите кои ни ги посочивте овие блогови, а ако знаете уште некои пишете ни и ќе ги објавиме во следната колекција на блогови… до тогаш, останете со редовната програма на Skopje Casual ;)

Facebook Comment



You may also like