Годинава се зачудивме зошто во Септември го немаше настанот кој го разубавуваше Скопје – Skopje Design Week, настан кој го обожаваме и го следевме неколку години со ред, а лани дури и учествувавме со наша мини изложба :)
Неодамна дознавме дека Скопската недела на дизајн се сели во месец Ноември и се сели на нова локација!
На наше големо задоволство веќе го посетивме новоотвореното катче за дизајн и иновација во градов –Јавна соба / Public Room – каде ја одржавме нашата блогерска средба, во нов и прекрасен простор, преполн со инспиративни творби на наши креативци (сè што гледате е на продажба!) кое ќе биде новиот дом на SDW 2015.
Концептот на центар за дизајн, доста познат низ Светот, навистина нè изненади дека конечно е пресликан и тука – нуди простории за состаноци и конференции, соба за изработка на прототипи, експериментална кујна, концептуална продавница, предвидени се канцеларии со простор за споделување на горните катови, а веќе наголемо се одржуваат настани како нашата средба, креативни работилници (дури и за деца), и слично.
Она што можеби за сите е интересно е дека Јавна Соба не е простор ексклузивно наменет за дизајнери, туку во неговите рамки функционира и одличен „мезе бар“ каде преку ден може да стекнете работна кафе атмосфера, а навечер од четврток до недела да се опуштите со одличен избор на музика во живо… на менито се наоѓаат интересни мезиња кои не можете да ги најдете на друго место (козјото сирење со таан е толку чудно и прекрасно!).
Целосната програма за Skopje Design Week ѕирнете ја тука (PDF) и… се гледаме таму во четврток! ;)
English translation at the end of the post.