#CasualTalks: Скопски Грув

Кога нешто се прави искрено и со љубов, тоа се познава од прва.

Скопски Грув ги немаме запознаено во живо. Но, нивната енергија тие комплетно успеаа да ни ја пренесат онлајн. Прво со нивните постови на Facebook и Instagram, второ со одговорите на нашето мини интервју кое го договоривме и спремивме за помалце од еден ден :)

Многу се радуваме што успеавме да сретнеме вака млади, позитивни и креативни луѓе, полни со желба да го направат Скопје поубаво место за живеење. Скопски Грув е приказна која сите треба да ја запознаете! :)

Интервјуто следува подоле, a за комплетно уживање пуштете си го нивниот последен микс да свири во позадина додека читате :)

Пред сè, алал! Ни фалеше нешто така лежерно, опуштено и скроз по наш вкус кога станува збор за локални случувања :) Велите дека сакате да го издигнете урбаниот и културен живот во Скопје. Која е големата идеја на Скопски Грув, како ќе се оствари тоа?

Замислете си дека во Скопје, ќе има организација која ќе прави такви настани, што кога по завршување на едниот, ќе чекате со нетрпение што поскоро да се случи следниот. Тоа е нашата цел, нашата голема идеја, да ѝ покажеме на публиката дека Скопски Грув е движење кое ја поттикнува и поддржува локалната уметност, создавајќи услови за слободно творење на нашите уметници, како и можност за прикажување на нивните дела преку нашите настани.

Од многу DJи, графити артисти, локални уметници, вашата приказна се издвојува по тоа што е комплетно своја и барем вака од страна ни делува со од старт убаво осмислен концепт, што е вистинска реткост во последно време. Што ве инспирираше да ја започнете оваа приказна?

-Се тргна од нашата желба да има повеќе играње, повеќе танцување, повеќе движење! Се случаваат настани кои имаат кул имиња и добри постери, реклами, но всушност се празни и без содржина. Често плаќавме карта и се трудевме залудно да се расположиме на тие настани, воопшто дојдени од што нема каде инаку. Едноставно, голем број случувања, но малку квалитет, малку слободно уживање, малку грув. Така преку пар приватни забави, одлучивме дека сакаме да сториме повеќе од обична журка за нашите пријатели, сакаме да направиме нешто повеќе за Скопје!

Која реакција на публиката досега најмногу ве изненади?

Не знаеме дали ќе може да издвоиме една реакција која ни е омилена хаха, но ако мора би го издвоиле настанот Chill the funk out, каде што публиката не се исплаши од дождот кој го расипа сончевиот ден и остана да ужива со нас до самиот крај. А исто така East to West, нашата прва вечерна забава каде што добивме голема поддршка и насмевки од сите присутни. Беше незаборавно! Благодарни сме за тоа искуство.

Колку луѓе го сочинуваат Скопски Грув? Раскажете ни нешто за себе :)

Моментално сме 8 активни членови, каде што секој од нашиот тим работи на одредена сфера: музика, фотографија, графички дизајн, логистика и администрација, правни обврски и сл. Се трудиме да научиме сè што ни е потребно за квалитетно и правилно организирање на нашите настани,но сè уште ни е потребна помош, која пак активно ја добиваме од нашите пријатели. Па може да се каже, дека Скопски Грув не сме само ние осум, туку сите оние кои ја подржуваат нашата иницијатива и ни помагаат во нејзино остварување, како и публиката која се повеќе го зголемува расположението.

Што сметате за ваш најголем успех досега?

Позитивниот фидбек кој го добиваме секојдневно со задоволната публика, а како настан со досегашен најголем успех со гордост повторно ќе го издвоиме Chill the funk out. Бидејќи настанот во буквална смисла го пренесе сè она кон што се стремиме, а тоа е опуштена и слободна атмосфера преку која публиката ужива во локалната креатива!

Како ќе расте Скопски Грув?

Летниов период ни предстои малку одмор и регрупирање. Се припремаме за нови настани во поголеми размери. Имаме и неколку откачени идеи кои се малку тешки за остварување, но со вољја и труд, се надеваме на успех! SPREAD LOVE!!!

 

Facebook Comment



You may also like