Инспирација наместо конфекција: интервју со Жанета Гелевска

Инспирацијата е сè. Една од причините поради кои го започнавме нашиот блог е желбата за постојана инспирација, а минатата недела се најдовме на место каде ја имаше навистина многу :)

Со задоволство присуствувавме на изложба на Жанета Гелевска, зборувавме за инспирација и за мода со уметник на релација Лондон – Скопје. Пробавме да опфатиме сè: мода, градови, уметност и пресекот меѓу нив.

Како визуелен уметник, колку сметате дека визуелниот впечаток дефинира емоција, дефинира став?

Сукњата што ја носев на изложбата е од француската дизајнерка Nadin Chassery која ја запознав на модна ревија во Лондон. Работи со рециклирани материјали, стари парчиња облека кои ги доработува и им дава една нова димензија. Имаше отворен ден каде парчињата облека беа на распродажба и купив две сукњи.

Се запознавме, си кликнавме со енергиите и слични ставови околу уметноста и модата и веднаш ме покани да бидам модел на нејзината следна ревија каде спонзор беше NAT WEST Bank и каде сите модели беа изработени од еколошки рециклирани материјали што се употребуваа во банката во Обединетото Кралство. Јас со моите 160см доживеав да бидам и модел :) Парите од влезниците беа за добротворни цели.

image

На релација Скопје-Лондон, што е разликата во модата у уметноста на двата града?

Живеејќи во Лондон во последните 15 години, а последните 4 постојано на релација Скопје-Лондон, имам можност да ја следам и скопската и лондонската мода. Во Лондон, не да ја следам само уличната мода, туку и да присуствувам на London Fashion Week, што се организира секоја година, или да го посетам студиото на мојата омилена и единствена Vivienne Westwood. Ретка прилика да се види на едно место врвни модни креатори, ревии, дружење и контакти за време на вечерите. Познати, но и млади таленти штотуку завршени, со шокантни идеи, креативност до бесвест.

image

image

image

image

image

image

Модната недела во Лондон ја гледаат одреден број луѓе и е инспирација. Но секојдневно шетајќи по улиците на Лондон, јас модата ја доживувам во мултикултурен ефект. Во Скопје дефинитивно ми смета и преовладува кичот. Колку повеќе блештиш и си полн со „фејк“ парчиња облека, си го достигнал врвот во модата.

Што е инспирација за вашата уметност?

image

Мојот стил почнав да го градам кога сè уште не ми беше познат зборот „инспирација“. Од многу мала имав желба да имам на себе парче облека поинаква од конфекциската, имав потреба нешто да преправам, додадам, исечам.

image

До ден денес, голем дел од мојата облека е еден вид уметничко дело – наместо платно употребувам старо, не толку атрактивно парче облека, и го сликам, сечам, давајќи му нова димензија. Уметноста и стилот на облекување и живеење кај мене се еден спонтан и интуитивен процес, не ги одделувам. Бојата, пак, кога станува збор за облекување, креирање на уметничко дело или насликано парче мебел, е водечки сегмент без кој не можам да творам. Потекнувам од земја полна со колорит како уникатно богатство што најверојатно го носам како генетски код.

Што е инспирација за вашиот стил?

Инспирација: сплет на околности, моменти од животот, доживеани ситуации, патувања. Ме води интуицијата, непознатото и на некој чуден необјаснив начин се врежува во мојот сензибилитет и се преточува во моите дела.

image

Што би му препорачале на секој уметник?

Да бидеш оригинален, да работиш на себе во формирање на стил што лично ти одговара, да бидеш препознатлив, а најважно да веруваш во себе и она што го создаваш…

Facebook Comment



You may also like