Уште од почетокот на блогот ги поддржуваме нашите локални креативци и се радуваме на секој нов откриен уметник што своите визии ги претвара во мали слатки нешта.
Пред некое време низ социјалните медиуми налетавме на интересни изработки со носталгична нота, па бидејќи одамна не сме имале некое интервју, одлучивме на овој начин да ви ги претставиме креативците зад името Pocket Gallery!
SC: Претставете ни се на кратко, кои се Моника и Виктор и како настана Pocket Gallery?
PG: Моника и Виктор се неразделни пријатели уште од пред некои 7-8 години, што си нашле нешто од себе кај другиот. Тоа се луѓе со страст и љубов кон уметноста и естетиката воопшто. Двајца љубопитни, инспирирани, отворени индивидуи.
SC: Како ги делите обврските? Кој црта, кој сечка дрвца, кој фотографира? :)
PG: Во еден предмет секогаш учествуваме двајцата, па дури и ако некој ја даде само идејата, а друг го изработи, на крајот никогаш не го чувствуваме како целосно да го направил едниот или другиот. Секогаш сосема забораваме на тоа и го гледаме како нешто наше. Најчесто двајцата цртаме и кој не’ знае подобро, може да ги разликува стиловите на цртање на различните предмети. За сечкање на дрвцата е одговорен Виктор, но се надевам дека набрзо и јас ќе научам да ја користам машината бидејќи такви работи ми се многу интересни. За фотографиите сум (скоро) секогаш одговорна јас, тоа е за мене еден од најубавите моменти во творењето каде што ми се поклопуваат неколку интереси и во тој процес уживам целосно.
SC: Неодамна почнавте и со изработка на модни детали, кој ви е омилен материјал за работа и што најмногу сакате да изработувате?
PG: На почетокот не се гледавме како работилница што би изработувала модни детали, но откако сфативме дека нашите идеи може да заземат и други облици и да станат функционални, а притоа да го носат со себе нашиот печат, почнавме да изработуваме едноставни, но уникатни обетки, прстени и брошчиња. Сега за сега користиме полимерна глина и таа добро не’ служи, одлично одговара со акрилните бои и останатите детали што ги употребуваме и е издржлива бидејќи кога ќе се испече е практично пластика, а на прв поглед предметот има порцелански изглед и тоа му дава посебна убавина. Познавајќи не’ двајцата, сигурни сме дека во иднина ќе експериментираме и со други материјали што ќе ни се видат интересни.
SC: Што е најбарано од вашите изработки и која ви е најинтересната нарачка до сега?
PG: Во моментот дефинитивно најбарани се дрвените илустрирани подметачи, најчесто оние за кафе или чај. Кога сме кај интересни нарачки, моментално изработуваме осум подметачи за другар што си изрази желба да има по еден подметач за секоја различна пијачка. Исто така обетките и прстените се голем хит, тие се купуваат за само неколку дена од поставувањето на нивна фотографија.
SC: Во вашите изработки често гледаме носталгични и мотиви од природата, но дали Скопје ви е инспирација? Кој ви е омилен дел од Скопје?
PG: Во производите се гледа нашиот карактер: носталгичен, но секогаш отворен за нешто ново, се гледа нашето будно следење на сегашноста, но и вметнувањето на сонливото минато. Токму за тоа се пример некои од пејсажните илустрации, што некогаш наликуваат на предмет што може да го видите на ѕид или на шкафче во куќа на некоја баба или дедо, а истовремено можете да ги видите нашите обетки на некоја девојка од 15 години. Не знаеме што конкретно ни е инспирација, сето она што го гледаме околу нас, на ваков или онаков начин може да даде идеја. Сигурно Скопје во дадени моменти знае да инспирира, односно луѓето што ги гледаме во него, оние што умеат да се издвојат преку начинот на кој што се облекуваат, размислуваат, изразуваат. Тоа се нешта кои несвесно си наоѓаат место во нас и учествуваат во процесот на креирање.
SC: Кои ви се идните планови?
PG: Сега за сега немаме такви, уживаме во овие моменти додека се’ што нас ни е убаво, му е убаво и инспиративно и на некој друг.
Креациите на Pocket Gallery можете да ги најдете на нивните профили на Facebook и Instagram, во новоотворената концептуална продавница АПоТЕКА во склоп на МКЦ или за нарачки од странство на онлајн продавницата The little treasures.